Ливерпул стигна до првото реми сезонава откако „црвените“ по голема битка одиграа 2-2 на гостувањето против Арсенал. „Топчиите“ беа подобар ривал во првото полувреме, имаа предност од 2-1, но Мохамед Салах со гол на десет минути до крајот спаси бод за „црвените“.
Букајо Сака беше најавуван како отсутен, но крилниот офанзивец не само што се појави во стартниот тим, туку и го доведе Арсенал во водство од 1-0, по одличната соло-акција со која најпрвин се ослободи од Робертсон, а потоа го матираше Келехер.
Ливерпул израмни преку капитенот Ван Дајк по еден корнер од левата страна, но Арсенал продолжи да притиска и заслужено стигна и до втор гол, овојпат преку Мерино по центаршутот на Деклан Рајс. „Црвените“ заиграа далеку подобро во вториот дел, Арсенал се повлече, па играта се пресели во половината на домашниот тим.
Згора на тоа, Артета за десетина минути остана без Габриел и Тимбер кои заработија повреди, а Ливерпул знаеше како да го искористи тоа, па со голот на Салах на асистенција на Дарвин Нуњез стигна до голем бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА