Мохамед Салах не размислува за заминување од Ливерпул, но одличниот голгетер не ја отфрла можноста во иднина да ги смени клупските бои, доколку англискиот гигант реши да го продаде. Салах, кој пристигна на „Енфилд“ од Рома во 2017 година, има договор со „црвените“ до јуни 2023, а засега нема најава за преговори за нов договор и зголемување на платата на Египќанецот.
Тој неодамна во интервју за шпанскиот весник „Ас“ изјави дека не би можел да одбие доколку пристигне понуда од Реал Мадрид или од Барселона, но во последните коментари Салах делуваше полојален кон Ливерпул.
„Ако ме прашувате што сакам, моја желба е да останам најдолго што можам во Ливерпул. Секогаш ќе давам сто проценти носејќи го овој дрес, сакам да освојам што повеќе трофеи со Ливерпул и да им возвратам на луѓето кои ми даваат толкава љубов овде. Сепак, мојата иднина е во рацете на клубот и не ја отфрлам можноста во иднина тие да решат да ме продадат. Како и да е, не размислувам многу на тоа, фокусиран сум само на сегашноста и настапите за Ливерпул“, изјави Салах.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

