Салах: Зидан ми беше херој додека растев, тоа ми е мотив повеќе за финалето

Мохамед Салах со нетрпение го очекува финалето од Лигата на шампионите, во кое токму тој ќе биде главниот адут на Ливерпул во обидот да го симне Реал Мадрид од тронот на европскиот фудбал.

„Тоа е најголемиот можен натпревар на клупско ниво, а сега ние добиваме шанса да бидеме дел од него и да се бориме за круната. Да се освои ЛШ е нешто неверојатно големо, се наоѓаме на чекор до тој успех и ќе сториме се за да го оствариме. Реал е голем тим, славеше во претходните две години, но тоа ќе биде меч како и секој друг – 90 минути во кои веќе покажавме дека можеме да го совладаме секој противник“ – истакнува Салах.

Извонредниот голгетер дополнителен мотив ќе има во фактот дека на клупата на ривалот ќе седи Зинедин Зидан, еден од главните фудбалски идоли од детството на Салах.

„Додека растев имав три идоли, еден од нив беше токму Зидан, заедно со Тоти и со Бразилецот Роналдо. Имаше и други квалитетни играчи, но она што овие тројца го правеа беше на поинакво ниво од сите останати. Фактот дека сега Зидан ќе биде на клупата на Реал е само мотив повеќе за мене да покажам што знам пред својот фудбалски идол“ – порачува најдобриот стрелец на Ливерпул.

Се вчитува...