Салфетката на која Лионел Меси го потпиша договорот за доаѓање во Барселона во 2000 година е продадена за 760.000 фунти (околу 888.000 евра), објави британската аукциска куќа Бонамс. Продажната цена се очекуваше да биде во опсег од 300.000 до 500.000 фунти, а онлајн аукцијата траеше од 8. до 17. мај.
„Салфетката ја промени судбината и на клубот и на самиот Меси, кој стана еден од најголемите играчи на сите времиња“, објави Бонамс.
Овој спомен беше внимателно чуван во сеф од Хорасио Гаџиоли, тогашниот адвокат на Меси. На салфетката не е само потписот на Меси, туку и потписите на Карлес Рексач, тогашниот спортски директор на Барселона и Хосеп Марија Мингела, скаутот на таленти кој го препозна потенцијалот на Меси.
Салфетката, која е потпишана на ручекот во „Монжуик“, содржи писмена обврска од Рексач.
„Во Барселона, 14 декември 2000 година, Карлес Рексач, спортскиот директор на Барселона, се согласува, под целосна одговорност и без разлика на какви било спротивни мислења, да потпише договор со играчот Лионел Меси, под услов да се придржуваме до договорени износи“, стои на салфетката.
Меси, кој оттогаш освои неколку големи титули, вклучувајќи ја Лигата на шампионите и Светското првенство, имаше само 13 години кога се приклучи на академијата на Барселона, откако дојде од аргентинскиот клуб Њуелс Олд Бојс. Светскиот шампион во 2021 година ја напушти Барселона за Пари Сен Жермен, од каде минатата година се пресели во Интер Мајами.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

