Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ, конечно донел одлука околу наследникот на Мануел Нојер на голот на баварскиот гигант, јавуваат германските медиуми. Според овие извори, баварците во наредните денови ќе го комплетираат трансферот на Јан Зомер, швајцарскиот репрезентативец од редовите на Борусија Менхенгладбах.
Баерн се најде во небрано откако Нојер си ја скрши ногата на скијање веднаш по завршувањето на СП во Катар, сезонава за искусниот голман е предвреме завршена, а управата мораше експресно да реагира и да стартува потрага по нов чувар на мрежата. Како опции се споменуваа Нубел од Монако, Бону од Севилја, па дури и Ливаковиќ од Динамо Загреб, но Салихамиџиќ пресекол, избирајќи го Зомер за нов голман на Баерн.
Во прилог на баварците оди фактот дека овој искусен чувар на мрежата има само уште шест месеци од договорот со Борусија Менхенгладбах, па неговиот клуб е подготвен да го продаде за да не го загуби без никаква отштета во текот на летово. Наводно, двата клуба се договориле отштетата да изнесува пет милиони евра, а Швајцарецот до крајот на оваа седмица ќе ги мине лекарските прегледи и ќе го потпише договорот со Баерн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

