Салихамиџиќ го налути Ливерпул: Не се мачи да доаѓаш по Мане

Баерн Минхен сериозно ризикува да го искомпликува трансферот на Садио Мане од Ливерпул откако и втората понуда на баварскиот гигант била категорично одбиена од страна на управата на „црвените“. Челниците на Ливерпул веќе стануваат сериозно разочарани од односот на директорот Салихамиџиќ, кој ја зголемил втората понуда на вкупно 30 милиони евра, од кои 24 милиони загарантирани, а шест милиони преку тешко достижни клаузули (ако Мане ја освои „Златната Топка“ и Баерн го крене пехарот во Лигата на Шампионите).

Ливерпул му даде предност на Баерн во преговорите за заминување на сенегалскиот голгетер, но првите две понуди се оценети како крајно несериозни, поради што англискиот клуб во наредните денови ќе почне преговори и со останатите заинтересирани клубови.

Како што јавуваат англиските медиуми, Салихамиџиќ побарал да дојде во Ливерпул и лично да преговара, но челниците на „црвените“ ладно го одбиле, напоменувајќи дека досега се покажал како крајно несериозен во преговорите и немаат намера да седнат на маса со него. Неофицијално, Ливерпул инсистира на сума од 50 милиони евра за продажба на Мане, од кои 40 милиони би биле загарантирани, а 10 милиони би можеле да се поврзат преку неколку различни клаузули.

Останува да се види како ќе се одвиваат работите во наредните денови, дали Баерн ќе се согласи на условите што ги бара англискиот гигант или Ливерпул ќе почне преговори за да го продаде Мане на друг клуб надвор од Премиер-лигата.

Се вчитува...