Вечното дерби на мак-баскетот меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се игра утре со почеток во 19 часот во скопска Кисела Вода, а токму местото на одигрување на натпреварот беше причина за конфликт меѓу големите ривали во изминатите петнаесетина дена.
Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, повика на смирување на страстите и фокус на кошарката со надеж дека неговиот тим ќе успее да слави над актуелниот шампион.
„Искрено не ми се допаѓа што толкав фокус беше ставен на местото на одигрување на салата. Жално е што вакви работи ни се случуваат кога кошарката почнува да се движи напред, но што е, тука е, сигурно ниту МЗТ Скопје не сакаше да се најде во ситуација да нема сопствена сала со која стопанисува, исто како што и ние немаме во моментов. Мое лично мислење е дека можеа да направат и еден поинаков избор, но што е тука е, тие се домаќини и ја избраа салата каде сакаат да го пречекаат Работнички, ние како гости го прифаќаме тоа исто како што и МЗТ можеби ќе треба да прифати некои наши одлуки во иднина. Она што сакам да го ставам до знаење е дека ова е само еден натпревар, има уште многу за играње оваа сезона и за мене најважно е се да мине во спортска атмосфера. Секако, ние сакаме да победиме, формата ни се движи во нагорна линија и свесни сме дека со евентуална победа на овој меч би можеле да се приближиме до првото место на табелата“, изјави Самарџиев за ЕКИПА.
Работнички ја надмина големата криза и влезе во победничка серија, додека МЗТ ќе влезе во утрешното дерби во обид да избегне втор пораз во низа, по оној од Пелистер на домашен терен пред неколку дена.
„Тој нивни пораз не значи ништо, знаеме дека ќе влезат максимално фокусирани во дуелот со нас, желни да победат. Ова ми е прво вечно дерби како тренер, но сум бил дел од многу вакви натпревари како играч и можам да кажам дека тактиката речиси никогаш не ги решава овие пресметки. Она што е клучно е мотивацијата, желбата за победа на самите играчи, борбеноста за секоја топка на теренот. Најважно утре ќе биде да победи кошарката, се да мине во спортски дух бидејќи има уште многу за играње сезонава. Секако, ние ќе сториме се од наша страна за да стигнеме до позитивен резултат, но и доколку тоа не се случи нема да биде трагедија“, порача стратегот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА