Македонската младинска кошаркарска репрезентација до 20 години во Ерменија ќе се обиде да стигне до место во „А“ дивизија со нов успешен настап на еден континентален собир за кој во групната фаза за противници ќе ги имаме Холандија, Грузија, Швајцарија, Австрија и Данска.
Селекторот Горан Самарџиев жали бидејќи неговите избраници немале подготовки со квалитетни пријателски натпревари, но верува дека ќе го остават срцето на терен за репрезентативниот дрес.
„Направивме добри подготовки за Европското првенство каде имавме одлични услови за тренинг, само со еден хендикеп, а тоа е квалитетни пријателски натпревари. Но што е, тука е, и нема назад, одиме да се покажеме во најдобро светло“, вели Самарџиев пред патувањето за Ерменија.
„Предност на оваа селекција е тоа што овие момци се познаваат и играат неколку години наназад заедно. А освен тоа, голем дел од нив ќе играат и следната година, а тоа значи дека се година дена ‘помали’ од другите, што е добро за искуство и напредок за следната година. Групата е доста силна, еве на пример Швајцарија У19, е во осумтте најдобри на светското првенство за таа возрасна категорија. Наша предност треба да биде колективната игра и секако големата желба за докажување.
Крајниот дострел ќе го видиме после 20.јули. Ќе одиме од натпревар по натпревар. Најбитно е играчите да даваат максимум за Македонија па што биде, нека биде. Како што кажав и пред тоа, очекувам максимално залагање а каков ќе биде пласманот ќе видиме на крај“
Првиот противник за Македонија ќе биде селекцијата на Холандија, натпревар кој ќе биде одигран на 11. јули со почеток од 10 часот и 30 минути.
„Немаме некои информации за Холандија, но секогаш е одлична на првенствата со физички јаки играчи. Чекаме да го објават конечниот состав па ќе ги анализираме играчите, прво поединечно, потоа и тимски“, вели Самарџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

