Работнички беше целосно надигран на камбекот во АБА2 лигата откако македонскиот клуб загуби на домашен терен од Сутјеска со 58-71. Тренерот Горан Самарџиев имаше можност да ги види на дело своите избраници, но немаше премногу причини да биде задоволен бидејќи гостите од Црна Гора доминираа долги периоди во мечот, користејќи ги сите слабости во изданието на неговиот тим.
„Сутјеска заслужи да победи, не бевме на висината на задачата. Одигравме добра четвртина, но тоа не е доволно за да му парираме против овој искусен тим на Сутјеска. Се гледа дека паднавме по отпуштањето на Јовичиќ, во тој момент нашиот втор плејмејкер не одговори соодветно. Дури и не направи разлика, а потоа беше тешко да се вратиш назад. Се враќавме само во одредена низа, но со по два до четири поени. Во последната четвртина откако се беше решено момците се опуштија и почнаа да играат. Се гледа дека не им недостига големо искуство, се гледа дека сме млада екипа и физички инфериорни во однос на гостинската екипа што прави разлика во АБА лигата. Ќе гледаме да се подобриме во следните натпревари и да учиме од овој пораз“, истакна Самарџиев.
Работнички во второто коло од АБА2 лигата ќе има уште потешка задача, ако се знае дека „центарци“ ги очекува гостување против Војводина, тим што важи за еден од главните кандидати за влез во АБА1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА