Самарџиев: Работнички е мојот омилен клуб, оваа понуда не се одбива…

Долгогодишниот кошаркар на Работнички, Горан Самарџиев, е подготвен за нов предизвик со најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, откако кавадарчанецот денеска потпиша договор со „центарци“, заменувајќи го Димитар Мираковски на кормилото на овој клуб.

Самарџиев на вечерашниот тренинг ќе биде претставен пред екипата, a од утре и официјално ќе почне со работа со екипата на „центарци“, со јасна цел експресно да се влезе во победничка серија.

„Пресреќен сум што се враќам назад во Работнички,јас не кријам дека ова е мојот омилен тим, клуб во кој долги години со гордост бев играч, а сега се враќам и како тренер. Токму затоа и воопшто не размислував, знаев дека оваа понуда не се одбива. Разговорите севкупно траеја околу една седмица се додека управата не ја донесе конечната одлука, можам да кажам дека ова ми беше една од најдолгите недели во животот, но сега сум пресреќен бидејќи добивам шанса да водам тим како Работнички. Јасно е, амбицијата е да се бориме за сите трофеи на домашната сцена, конкуренцијата е силна, но верувам во себе и во екипата што ја имам на располагање“, изјави Самарџиев за ЕКИПА.

Она што е интересно, кавадарчанецот ќе дебитира на клупата на Работнички против својот поранешен клуб Еуро Никел следниот викенд, меч што ќе биде одигран без присуствона публика поради казната за „центарци“ изречена по вечното дерби со МЗТ Скопје.

Се вчитува...