Горан Самарџиев имаше причина за задоволство откако Работнички со квалитетно издание го доби вториот дуел со Пелистер, израмнувајќи на 1-1 во полуфиналната серија од плејофот.
„Центарци“ на тој начин се рехабилитираа по убедливиот пораз на првиот меч на домашен терен, враќајќи си ги шансите за пласман во големото финале.
„Мислам дека најголемата разлика беше во пристапот, одигравме квалитетна одбрана и ја задржавме екипата на Пелистер на 70 поени. Им честитам на моите кошаркари за победата, голема благодарност до навивачката група „Сити парк бојс“ и сите други приврзаници кои дојдоа и ни дадоа поддршка на овој значаен натпревар. Ова беше еден вистински плејоф натпревар што не беше случај со првиот дуел од резулататска гледна точка. Се враќаме на 1-1, се почнува од почеток, имавме проблеми на првиот меч што ги корегиравме, серијата повторно е отворена пред двете средби во Битола“, изјави Самарџиев.
Според стратегот на Работнички, слабата игра на првиот дуел се должи и на мало опуштање во неговиот тим по серијата добри игри во последните месеци.
„Можеби оној прв пораз се должеше и на мало опуштање од нашата страна бидејќи му претходеа 15 победи во низа во Првата лига. Можеби беше и мало презаситување, сите очекуваа дека лесно ќе славиме, но Пелистер е еден многу квалитетен тим, со одличен тренер и одлична организација. Мислам дека до крајот на оваа серија ќе гледаме вистински плејоф пресметки со огромна борба“, вели Горан Самарџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА