Предраг Самарџиски, прославениот македонски кошаркар кој беше дел и од најголемиот успех на македонската репрезентативна кошарка со освоеното четврто место на Европското првенство кое се одржа во 2011 година како гостин на подкастот „Јао Миле“ говореше на повеќе теми од кои една беше и шампионатот во Литванија.
Самарџиски беше стандарден репрезентативец на Македонија уште од 2003 година па од своето искуство откри како функционирала репрезентацијата во минатото, промените кои довеле до најголемиот успех во 2011 година и како мешањето на политиката во спортот донесе за крах на македонската кошарка.
„Не освоивме (медал), но како да освоивме. Тоа е нешто што не може ни да се прераскаже, може само да говориме и да се сеќавам на нешто што беше најубаво во животот… Кога говориме за репрезентативна кариера тоа можеби е и круна, но луѓето не го знаат односот кој ние го имавме меѓу нас и сите лета поминати заедно. Можеби немаше ни да се случи доколку сме малку поголема или побогата земја, но нас федерацијата тогаш ни ја водеа тројца кои се бореа на секој можен начин да соберат средства за ние да фукнционираме како нормална репрезентација“, вели Самарџиски кој откри и дека во минатото имало сиутации кога се чекало една младинска репрезентација да се врати од првенство за друга да има дресови за настап на некој шампионат.
„Во младинските репрезентации имаше и моменти кога чекавме да се врати репрезентацијата за која играше мојата сестра на местото за собир да ја добиеме нивната гарнитура на дресови за да одиме на натпреварување. Тоа беше состојбата на македонската кошарка“.
Раководството предводено од Даниел Димевски со своето залагање донело драстична промена со буџет кој доликува на една репрезентација по што е остварен и најголемиот успех.
„Потпишаа договор со „Спалдинг“ кој мислам дека и ден денеска трае. Имавме подготовки во Словенија, трениравме во салата во „Борис Трајковски“, а не сали без клима. Бевме сместени во хотелот „Александар Палас“, а не во некој хотел со бубашваби. Тоа беа некои сериозни промени кои се случија од моментот кога јас дојдов во сениорската репрезентаја и не следеа низ годините“, додава поранешниот македонски центар.
Успехот на Македонија во 2011 година не е случаен, тимот кој долго време настапуваше заедно и бележеше значителни резултати во квалификациите, особено на домашен терен, па го забележа и само вториот настап на европски собир во историјата во 2009 година полека градеше хармонија и тимски дух која допринесе до најголемата радост во 2011 година, открива Самарџиски.
„Откако јас бев дел од репрезентацијата во 2003 година ние десет години немавме пораз на домашен терен во квалификации. Целата нација застана зад нас. Поради тоа што ние постојано игравме и претквалификации и квалификации „летавме“ под радарот па дури и кога се пласиравме на ЕП во 2009 година, што е второ по тоа во 1999 година. Ние за прв пат остваривме победа против Израел, бевме дел и од втората рунда. Никој не обрнуваше внимание на нас, но сите кошаркари како целина растевме. Сите бевме дел од европските клубови и станувавме имиња.
Создадовме една репрезентација со совршен склоп од младост и искуство кое беше така на терен, но ние надвор од теренот апсолутно правевме се заедно. Немаше еден момент по тренинг некој да оди на кафе сам, а да не сме сите заедно. Од година во година одевме скалило напред, но изградивме и една хомогена средина која експодираше во 2011 година“
Според поранешниот репрезентативец најголемиот успех на македонската кошарка го донесе и големиот крах, а за тоа голема вина им припаѓа на политичарите.
„Според мене тој успех беше и почеток на крајот и тоа поради успехот. Тоа беше моментот кога сите, за жал, политички ориентирани работи во Македонија се свреа кон нас и нашиот успех и вниманието посветено на нас сакаа да го придобијат. Политиката сериозно се вмеша во кошарката, започнаа некои притисоци кои до тогаш никогаш не постоеа. Како со цел да напредне македонската кошарка, а во суштина само да се искористи моментот, да се зграби тоа што тоа беше правиот момент за вложување на македонската кошарка. Тоа беше погубно бидејќи ние во 2013 година веќе имавме амбиции да го освоиме првенството.
Мислам дека имаше голема шанса да се продолжи успехот бидејќи доста од нас и понатаму бевме во најдобрите години, но многу шанси почнаа да се менуваат кои беа далеку од наше влијание“, заклучува Самарџиски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

