Самир Насри е подготвен да стави крај на својот кошмар во Манчестер сити и дефинитивно да го напушти таборот на „граѓаните“, селејќи се во Турција и потпишувајќи договор со екипата на Анталија. Францускиот интернационалец во текот на летово доби бројни понуди, за конечно да донесе одлука и да ја прифатија опцијата за потпис на двогодишен договор со Анталија, за плата од четири милиони евра по сезона.
Насри дојде во Манчестер сити во 2011 година како големо засилување по одличните игри во дресот на Арсенал. Иако добро ја почна авантурата во дресот на „граѓаните“, неговата минутажа од година во година се намалуваше, за Пеп Гвардиола да го стави меѓу првите на листата на играчи на кои нема да смета. Токму затоа Насри ја мина ланската сезона на позајмица во Севилја, за летово двете страни да инсистираат да дојде до целосен трансфер, а не нова позајмица.
Анталија беше најконкретна во понудата, па Французинот веќе отпатува за Турција, каде по потписот на договорот ќе му се приклучи на својот нов клуб, за кој настапува и Камерунецот Самуел Ето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА