Македонија не ја искористи првата меч топка за пласман на ЕП 2017 во Хрватска, откако нашата национална селекција ремизираше 27-27 на гостувањето против Украина. Раул Гонзалес и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи во првото полувреме одиграа фантастично, но потоа имаа огромен пад, во вторите 30 минути го разбранија голманот Чуприна, постигнаа само девет гола и на крајот стигнаа само до еден наместо до посакуваните два бода. Македонија го имаше и нападот за победа на ова незгодно гостување, но Манасков не беше прецизен, одлагајќи ја прославата за пласманот на ЕП за недела и дуелот во Скопје против Чешка.
Од почетокот на средбата македонските ракометари се соочија со проблеми, како во нападот, така и во одбраната. Украинците брзо реагираа и поведоа со 2-0, потоа и со 3-1, но ситуацијата се промени откако Стоилов изнуди исклучување од Садовји. Во нападот лесно реализиравме со играч повеќе, па и по комплетирањето на противникот преку Митков поведовме со 3-4. Во продолжението и двете репрезентации имаа проблеми со одбраната, но со удари од далечина ги решетаа мрежите, па на половина од првото полувреме резултатот беше израмнет на 8-8.
Брзиот центар им создаваше огромни проблеми на македонскита ракометари во одбраната, па по секој наш погодок следеше брз одговор на Украинците. При резултат 10-10 не искористивме два „зицери“, цепелин на Манасков и неуспешен лоб на Миркуловски, по што Украина набрзина реализираше за 12-10, принудувајќи го Раул Гонзалес на тајмаут. Даскалоски застана на голот веднаш по тајмаутот и влезе во серија добри одбрани, на спротивната страна беспрекорно функционираше и нападот на Македонија, па со серија од пет гола нашиот национален тим поведе со 12-15. Во следниот напад погоди и Миркуловски за 12-16, по што украинскиот селектор беше принуден да побара минута одмор. Домаќините конечно ја прекинаа македонската серија голови, но нашите ракометари одиграа сигурно во нападот до крајот на полувремето, заминувајќи на пауза со 14-18 со голот на Пешевски.
Беспрекорната реализација во нападот продолжи и на стартот од второто полувреме, откако во првите три напади реализиравме преку Миркуловски, Стоилов и Талески. За момент Украинците заиграа подобро во одбраната, намалија на 19-21, по што Раул Гонзалес веќе во 37. минута побара минута одмор. Домашната селекција стигна и до 20-21, пред серијата да ја прекина Кире Лазаров со својот шести гол на натпреварот. Сепак, голманот Чуприна влезе во ритам, им одбрани зицери на Манасков и на Георгиевски, зголемувајќи ја самодовербата кај домашната селекција.
Сепак, две добри игри во одбрана и една интервенција на Борко Ристовски беа доволни за враќање на самодовербата во македонскиот национален тим, па предноста со пеналот на Лазаров порасна на 21-24. Гоце Георгиевски го промаши и третиот шут во низа, овојпат зицер во ситуација со играч повеќе, по што домашните ракометари повторно добија на самодоверба и се вратија. Во неизвесна завршница Кире Лазаров промаши пенали при 24-26, по што Украина дојде на само еден гол разлика (25-26). Талески постигна гол во вистински момент, но домаќините одговорија со нов гол, па потоа со одбрана на Чуприна добија напад за израмнување.
Ристовски му одбрани зицер на Акименко, но потоа на спротивната страна непрецизен беше и Мартин Поповски, кој го промаши шестиот шут во низа на Македонија од позицијата десно крило (претходно еднаш непрецизен беше Митков, четири пати Георгиевски). Денисов на 50 секунди до крајот израмни на 27-27, по што Раул Гонзалес побара тајмаут за да го организира последниот напад на нашата репрезентација. Најпрвин Миркуловски изнуди две минути од Жуков, но при последниот напад Манасков не успеа да го совлада Чуприна, па мечот заврши со израмнети 27-27.
Кире Лазаров постигна осум, Талески пет, а Стоилов четири гола за Македонија, додека најзабележителен кај Украина покрај голманот Чуприна беше Садовји со седум погодоци.
По оваа пропуштена шанса, Македонија пласманот на ЕП ќе мора да го визира во последното коло, со победа на домашен терен против Чешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА