Ранг – листата на најдобрите атлетичари на 100 метри на сите времиња, открива еден фрапантен податок. Од првите шест, пет атлетичари се поврзуваат со допинг скандал, а „чист“ е само лидерот, Усаин Болт!
Името на светскиот рекордер (9.58 сек.) никогаш не било поврзано со ниеден допинг скандал во неговата десетгодишна кариера на светскиот врв, во која Болт освои осум златни олимписки медали кои ќе беа девет да не беше позитивен примерокот на Неста Картер од ОИ 2008 во Пекинг. Тоа го лиши Болт од олимпиското злато во штафетата 4 х 100 метри. И го стави Неста, кој е шести најбрз атлетичар на сите времиња (9.78 сек.), на „црната листа“.
Од спринтерската елита, Тајсон Геј (9.69 сек.) призна дека користел недозволени средства во 2013 година и отслужи двегодишна суспензија. Исто така во 2013 година, Асафа Пауел (9.72 сек.) беше позитивен на оксилофрин и доби казна од 18 месеци. Пауел никогаш не призна дека користел недозволени стимуланси, но не успеа ни да ја докаже својата невиност.
Петтиот во рангирањето на вечната листа на најдобрите спринтери, Џастин Гетлин, имаше две суспензии поради допинг. Во 2001 година беше позитивен на амфетамин, а во 2006 година на тестостерон, суспензијата од осум години на крај му беше намалена на четири. Сега тој е вклучен во нова допинг афера.
Јохан Блејк, тренинг партнерот на Болт, исто така беше под истрага и остана три месеци без натпреварување. А сериозни проблеми имаше и Стивен Мулингс (9.89 сек.) кој беше блиску до доживотна суспанезија од атлетиката.
Покрај Болт, од Топ 10 атлетичарите на сите времиња во најбрзата атлетска дисциплина, „чисти“ се уште и Морис Грин (9.79 сек.), Ричард Томсон (9.82 сек.) и новата спринтерска ѕвезда, 21-годишниот Христијан Колман (9.82 сек.).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА