Проблемот со тренерска Про-лиценца и натаму е присутен во Првата македонска фудбалска лига. Само четири клуба имаат тренери со важечка Про-лиценца кои имаат право да седат на клупата и да ја водат екипата. Останатите осум кои ги немаат, покрај главниот имаат и „резервни“ тренери, кои за ништо не се прашуваат во тимот а единствено ја „продаваат“ својата диплома како би се запазиле прописите.
Четирите клуба кои имаат тренер во ПМФЛ со Про лиценца се Вардар (Гоце Седловски), Силекс (Александар Васовски), Шкендија (Јетон Беќири) и Струга ТЛ (Бледи Шкемби).
Кај останатите осум на клупата седат по двајца тренери, првиот е главен, вториот е „резервен“ со важечка лиценца за да може клубот да игра во Првата лига. Новиот тренер на Пелистер е Димитар Капинковски, но има замена во Горан Бојчевски, додека Муарем Муарем во Башкими има „помош“ од Мите Митев. Бобан Грнчаров, кој е веќе две години прв тренер на Македонија, негова „потпора“ во новата сезона е Боби Стојковски. Традиционално, во АП Брера на клупата покрај Панче Стојанов седи Шефки Арифовски, во Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов има поддршка од Гордан Здравков. Иако мошне успешно го водеше Арсими од Втората до Првата лига, сепак Виљдан Салиу мораше да има „помош„ во Гајур Реџепи. А, досега во Работнички, Бојан Марковски, кој беше сменет поради неуспешниот старт, го „покриваше“ Баже Лазаревски. И на крајот Шкупи. Ниту има во моментот главен, ниту пак резервен тренер. На мечот со Пелистер, кој се играше во Кавадарци, во протоколот постоеше само едно име во графата претставник на клуб- Шахит Умит. Сите обиди да дознаеме дали е тренер, ни беа неуспешни бидејќи во Шкупи никој не одговара на телефонските позиви. Во Шкупи и да нема некој воопшто да ви одговори за било што! Ниту такво име не најдовме во списокот на тренери со било каква лиценца во Македонија.
И УЕФА нема решение
Интересно е дека овој проблем со „играње“ со прописите со Про-тренерски лиценци не е само меѓу македонските клубови, туку е актуелен во повеќе европски фудбалски федерации, така што дури и УЕФА нема решение, ниту има било каква основа да се најде друго решение. Се правеа обиди да се донесе некој пропис, иако го има, секој прволигашки клуб да има тренер со Про-лицена, но се останува по старо веќе неколку години.
Во Македонија досега со Про-лиценца се здобиле 70 тренери од пет генерации. Од нив се 10 од странство, 15 наши тренери работат надвор од Македонија, повеќето што се тука веќе сe со 70-годишна старост, десетина заминаа во пензија, не се активни и дојде до еден вакум кој мора да се пополни со нови, помлади тренери.

Се подготвува шеста генерација
На распишаниот конкурс за нова, шеста генерација на кандидати за тренери со Про-лиценца се пријавија 31 тренер од кои по низа проверки и постоечки критериуми беа избрани 22 кои под раководство на Борче Христов, новиот директор на едукативниот центар, во наредниот период ќе минат мошне строги критериуми за да се здобијат со толку посакуваната Про-лиценца која ќе им овозможи работа во сите држави не само во Македонија туку и во светот.
Она што радува меѓу пријавените и примени кандидати се и познати помлади фудбалери и тренери меѓу кои се: Бобан Грнчаров, Димитар Капинковски, Ѓорѓи Мојсов, Бојан Марковски, Влатко Гроздановски, Дарко Тасевски, Александар Андов, Един Нурединовски, дури и две фудбалерки, сега помлади тренери на женски екипи Катерина Милевска и Александра Терзиовска.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

