Само едрењето и наутичкиот туризам се единствен спас за Охридското езеро!

Пред утрешното одбележување на Денот на езерото, во Општина Охрид, во организација на Едриличарската федерација на Македонија и амбасадата на ЕУ, под мотото „Запознај го едрењето, заштити го езерото“, се одржа панел дискусија на која присуствуваа претставници на институциите од локалната и централната власт, експерти и невладини организации.

Единствен е заклучокот од панел-дискусијата дека Македонија мора да ги поддржи максимално едрењето и едриличарските спортови како единствениот начин за спас на Охридското езеро, но и туризмот во Охрид. Претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ, во своето излагање ја истакна атрактивноста на едрењето и минималното влијание врз езерото и живиот свет.

Охрид во иднина треба да се стреми кон наутички туризам. Тоа е иднината на овој град, и ние мора да се стремима со сите сили да го реализираме тоа. Моторот се едрата, а ветерот е погонот на едрилицата. Нема поеколошка активност на езерото и негова заштита, од пловење со едрилица. Само со едрилици, а исклучувајќи ги постојаните моторни загадувачи кои езерето не може да ги издржи, ќе го зачуваме Охридското езеро. И државата мора активно да се вклучи за поддршка на едриличарскиот спорт“ – рече Соколовиќ.

На панел дискусисијата свое излагање имаше и незвисниот експерт за заштитени подрачја Даниел Богнер, кој ја истакна потребата од итна институционална сеопфатна заштита на езерото, со план за одржливо користење на неговите ресурси, при тоа незанемарувајќи ја потребата од економски развој и просперитет на целиот регион.

Градоначалникот Кирил Пецаков ја поздрави иницијативата на Едриличарската федерација и истакна дека пред локалната самоуправа стојат низа предизвици во однос на заштитата на езерото.

„Тука пред се мислам на Планот за управување со Охридското крајбрежје, што треба да го изработи Министерството за транспорт и врски, во кој ќе се дефинираат многу сегменти за ползување на крајбрежјето, вклучувајќи ја и изградбата на толку потребната Марина за пловните објекти. Се разбира ни треба нова, издржана, вистинска стратегија за туризам, во која ќе се дефинира правецот во кој ќе се движи Охрид во иднина“ – истакна Пецаков, во која ја спомна и законската можност во иднина сите пловни објекти да бидат електрифицирани.

Директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасеска, ја поздрави иницијативата и како што рече од научен аспект, секоја активност на езерото која има минимално влијание врз флората и фауаната вреди да се поддржи. Во таа насока, едрењето со сигурност е активност со најбенигна форма врз живиот свет во езерото.

Во дискусијата учестувуваа и претставници на повеќе невладини институции, искажувајќи ја својата загриженост за состојбата на езерото, барајќи што поскоро квалитетни законски решенија за негова заштита.

Претседателот на Едриличарската федерација Будимир Соколовиќ, испрати и покана до сите присутни утре сите да се приклучат на малата едриличарска регата, која е дел од програмата за одбележување на Денот на езерото. Настанот кој ќе се одржи под мотото „Запознај го едрењето, зачувај го Езерото“, почнува во 10 часот кај Градското пристаниште.

ФОТО, текст: www.ohridnews.com

Се вчитува...