Нашата најдобра женски фудбалски судија, интернационалката Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни најдобри судии во Европа доби големо признание од Судиската комисија на УЕФА. Таа е одредена единствена од Европа да биде главен судија на „Копа Америка“ кој се одржува во Јужна и Северна Америка уште од 1991 година. Годинава е во Јужна Америка, во Еквадор, почнувајќи од 12 јули до 2 август.
На турнирот ќе настапат 10 женски репрезентации од Јужна Америка поделени во две групи. Во „ А “ групата ќе играат Аргентина, Еквадор, Чиле, Перу и Уругвај, во „Б“ групата Бразил, Колумбија, Боливија, Парагвај и Венецуела. Првите две репрезентации од групите ќе играат во полуфиналето и ќе се борат за титулата.
Одредени се и 10 главни судии од Јужна Америка, со нивни асистенти кои ќе судат на овој 10-ти традиционален турнир што за првпат ќе се игра во Еквадор. Тоа се судии од Аргентина, Боливија, Бразил, Колумбија, Чиле, Еквадор, Парагвај, Перу, Уругвај и Венецуела и за првпат во историјата на „Копа Америка“ ќе суди судија од Европа. Изборот на УЕФА падна на Ива Пројковска, најдобриот судија од Македонија која ќе ја дели правдата во Еквадор заедно со своите асистенки, Џулиа Темпестили од Италија и Ирагадзе Фернадез од Шпанија.
Предлогот на УЕФА за Ива Пројковска не е случаен бидејќи таа со својата арбитража на Светското првенство за репрезентации до 20 години што се одржа минатата година во Колумбија остави одличен впечаток. Ги отсуди мечевите: Северна Кореја – Аргентина (на отворањето на Мундијалот) и САД –Парагвај.
Македонија, во својата богата фудбалска историја имаше и има одлични судии кои имаат отсудено стотици меѓународни и меѓудржавни натпревари речиси во сите европски држави. Постарите љубители на фудбалот се уште се сеќаваат на имињата на првите меѓународни судии што ги имаше Македонија: Борче Неделковски и Трајан Ивановски. Потоа Петар Костовски, Трајче Маџовски, Томе Манојловски и Гоце Попев. Во поранешна Југославија сојузни судии беа Гоце Попов, Слободан Јовиќ, Пане Иванов, Стрезо Трпковски, Стојан Илиевски, Бошко Ангеловски, Ѓоко Цветковски, Благој Шуклев, Крсто Данаиловски, Јордан Мицковски, Стојан Стојанов, Ванчо Коцев, Ацо Мировски, Ѓоко Стојановски, Ангел Бунгуров, Миле Стојчевски, Зоран Николовски, Мијалче Михајлов, Саше Лазаревски, Делчо Јакимовски, Петрит и Беким Баута. Меѓународни во понова генерација Емил Божиновски, Александар Ставрев, Дејан Јакимовски, Димитар Мечкаровски, Игор Стојчевски, Јован Качевски, Љубомир Крстевски, Горан Спиркоски и Љупчо Мојсовски.
Но ниту еден немал шанси да отсуди некој меч надвор од Европа. Засега Ива Пројковска ја има таа чест да ја претставува нашата држава и на другите континенти и да суди на светски првенства.
М. Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

