Кошаркарите на Работнички се доминантни на теренот и имаат максимални 17 победи по првите 17 кола од првата лига, но како што стојат работите клубот од „Градски парк“ би можел да биде суспендиран од страна на МКФ. Причината е добро позната, неподмирување на обврските кон куќата на кошарката во рокот што беше начелно договорен на последниот состанок на Здружението на кошаркарски прволигаши.
Тогаш клубовите побараа рок до 20 април за да можат да ги исплатат долговите на име казни и лиценци за странски кошаркари, a МКФ им излезе во пресрет со напомена дека мора да бидат обезбедени банкарски гаранции најдоцна до 9 март. До денеска или уплата на пари или гаранции поднесоа десет од единаесетте должници (Блокотехна беше единствен клуб со целосна уплата уште пред целиот заплет), а единствено лидерот на табелата нема одговорено на барањата од страна на Македонската Кошаркарска Федерација.
„Работнички е единствениот клуб кој го нема испочитувано она што го договаравме на последното здружение. Останатите екипи или извршија уплата или дадоа гаранции до последниот рок. Се надеваме дека Работнички има извршено уплата за да не мора да се тргне на следниот чекор, кој е суспензија. Во секој случај овој тим ќе може да настапи на утрешниот дуел со Гостивар бидејќи е можно парите да се уплатени денеска, а да легнат на сметка в понеделник. Доколку тоа не се случи, Работнички ќе заработи суспензија, исход што не го посакува никој, но правилата се еднакви за сите и мораат да се почитуваат“ – изјави директорот на МКФ, Владимир Темелковски, кој беше присутен на последниот состанок на Здружението на прволигаши.
Останува да се види расплетот од оваа ситуација, но вистинска штета би била Работнички во година кога најавува историски највисок буџет, во ситуација кога реди победи на терен, за неисплатени долгови службено да губи натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА