Добар дел од светските фудбалски аналитичари се изненадени од синоќешното однесување на Лионел Меси за време и по мечот со Холандија во четвртфиналето на СП 2022 во Катар.
Аргентинците среќно, преку пеналите, обезбедија пласман во полуфиналето, но Меси и покрај задоволството од победата очигледно беше револтиран неочекувано на се околу себе. Уште за време на натпреварот, по постигнатиот гол од пенал испрати провокативни гестикулации кон клупата на Холандија, по дуелот го нападна и главниот судија на мечот, изрече навредливи зборови впуштајќи се во расправија со холандскиот селектор, Ван Гал и неговиот помошник Едгар Давидс, а на крај со пцовки сосема непотребно го испрати холандскиот репрезентативец Вегхорст во моментите кога овој само бараше можност да се поздрави со него…
Светските медиуми се изненадени од таков однос на една фудбалска ѕвезда која, како што пишуваат, „во само пет минути испадна смешен и пред себе и пред оној цел неутрален свет кој досега секогаш го симпатизираше“.
„Она не личеше на Лионел Меси кој го знаеме. Меси секогаш ја покажувал својата големина токму во едни такви ситуации, а испадна многу мал со односот демонстриран кон противникот и кон официјалните лица. Само пет минути му беа неопходни за да го сруши митот за коректното момче и на терен и надвор од него, кое никого не би повредило“ – пишува „Скај спортс“.
А, најави за постапка против Лионел Меси и голманот на Аргентинците, Емилијано Мартинез има и од ФИФА токму за навредите кои беа упатени кон селекторот Луис Ван Гал при напуштањето на теренот по изведувањето на пеналите.
ФИФА информираше дека ќе се разгледува однесувањето на фудбалерите на Аргентина кон противничкиот тим по крајот на мечот, по што би биле донесени евентуални казни, посебно за вулгарните пцовки од страна на голманот Мартинез.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА