Само Работник е перфектен во Супер-лигата

Ракометарите на Работник остануваат со стопроцентен ефект во Супер-лигата, откако вечерва како гости славеа на дуелот со Бутел со 18-23. Тимот на Бутел за првпат сезонава настапи во салата во својата населба, но изостана победничко деби откако гостите од Битола одиграа одличен меч и заслужено се радуваа на победата.

Пресуден беше вториот дел од првото полувреме, во кој по водството од 5-7 битолчани постигнаа уште три гола, експресно дојдоа до „плус пет“ и ја задржаа оваа предност до крајот на полувремето (9-14). Бутел успеа да дојде само до „минус три“ (17-20), но Работник знаеше како да одговори на оваа мини-серија на домаќините, па гостинскиот состав рутински го одработи остатокот од мечот и стигна до планираните бодови.

Џукиќ беше најдобар стрелец на победничкиот тим со шест гола, два повеќе од Филип Кузмановски, додека најпрецизни во таборот на Бутел вечерва беа Мајиќ со шест и Печенковски со три постигнати погодоци.

Се вчитува...