Серж Гнабри нема да мине ниту еден месец како член на Баерн Минхен откако германскиот младински репрезентативец побарал да замине во клуб каде би имал поголема минутажа. Крилниот офанзивец го напушти Вердер и дојде во Баерн за сума од осум милиони евра, но јасно беше дека нема да биде првотимец во ситуација кога Карло Анчелоти на неговата позиција ги има Рибери, Робен и Коман, како и Даглас Коста, кој се наоѓа пред заминување од „Алијанц арена“.
Откако ги доби финансиските услови што ги побаруваше, Гнабри сега бара да замине на позајмица во клуб каде би имал значителна минутажа, барање на кое челниците на баварскиот гигант му излегле во пресрет.
„Ние потпишавме договор на три години со Гнабри. Планот е летово да замине на позајмица, да биде стандарден во новиот клуб, па за наредната сезона да атакува на место во првиот тим на Баерн“ – изјави претседателот Карлхајнц Румениге.
Заинтересирани за услугите на Гнабри се најмалку пет бундеслигаши, но тој најверојатно ќе се пресели во Хофенхајм, тим со кој ќе има можност да се натпреварува и во Лигата на шампионите. Преговорите меѓу двата клуба се веќе во тек, а се очекува Гнабри најдоцна до крајот на оваа седмица да потпише договор со Хофенхајм и да се приклучи на подготовките на својата нова екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА