Само што дојде, веќе заминува: Консеисао на излезна врата од Милан

Тренерот на Милан, Серџо Консеисао би можел да добие отказ доколку не успее во дуелите против Болоња и Лацио оваа недела, објавија медиумите на Апенинскиот полуостров.

Росонерите по испаѓањето од Лигата на шампионите од Феенорд, викендов доживеаја нов студен туш. Во саботата загубија на гостувањето кај Торино со 2-1. Со тоа уште повеќе ја отежнаа ситуацијата кога е во прашање борбата за позициите кои водат во Лигата на шампионите во следната сезона.

Интер, Наполи и Аталанта веќе сигурно се во топ 4, а практично останува само борбата за едно место кое во моментов го држи четвртопласираниот Јувентус. Милан е седми со осум бода заостанување. Покрај Јувентус и Милан, во трката за Лигата на шампионите се уште Лацио, Фиорентина и Болоња.

Консеисао го презеде кормилото на Милан на крајот на декември, кога го наследи Пауло Фонсека. Се започна добро, откако го освои италијанскиот Суперкуп, но после тоа резултатите беа генерално лоши.

Во 15 натпревари на чело, Консеисао се претстави полошо од Фонсека во последните 15 натпревари на чело на „росонерите“. Иако договорот со Милан го обврзува до јуни 2026 година, Португалецот би можел порано да ги спакува куферите.

Се вчитува...