Зенит предводен од нашиот Ненад Димитријевиќ не успеа да стигне до трофејот во Супер-купот на ВТБ-лигата откако во денешното финале загуби од ЦСКА Москва со убедливи 96-79. Откако вчера со огромен камбек во полуфиналето славеа над Дубаи, Димитријевиќ и соиграчите немаа сили за сличен подвиг во денешното финале во кое ЦСКА имаше целосна контрола над играта и резултатот.
Неизвесно беше само во првата четвртина што ЦСКА ја доби со минимални 19-18, по што „армејците“ одиграа маестрална втора четвртина добивајќи ја со 30-14 и трасирајќи си го патот кон победата. ЦСКА не дозволи ништо слично како Дубаи, рускиот гигант ја одржуваше двоцифрената предност во целото второ полувреме, заслужено стигнувајќи до трофејот.
Македонскиот ас немаше шутерски ден, реализирајќи 7 поени со шут од поле 1/7, притоа додавајќи и три скока и пет асистенции зад своето име. Жбанов со 17 поени беше прв стрелец во овој убедлив пораз на Зеннит, додека најефикасни во победничкиот тим беа Тримбл со 26 и Руженцев со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

