Работнички го претрпе еден од најсрамните порази во клупската историја откако „центарци“ вечерва загубија со неверојатни 51 поен разлика од Феникс 2010.
Триумфот на избраниците на Дервишевиќ е апсолутно заслужен, но истовремено и ја покажува неспособноста на „центарци“ да го оправдаат епитетот на најтрофеен македонски кошаркарски колектив. Финансиските проблеми и задоцнетите плати се „заштитен знак“ на КК Работнички со години наназад, но оваа управа преку соопштенија се спротивставуваше на „новинарски лаги“, со ставови со кои се лажеше самата себе.
Дојде зимата, а кризата ескалираше – пари немаше, па први си заминаа странците, а се најавуваат и промени во највисоката управа, но и во стручниот штаб, колку и да го демантираат тоа „центарци“.
Сепак, овде проблемот не е ниту во тренерот ниту во директорот на заминување, туку е многу подлабок, Работнички се самоуништува со години наназад, за да дојде онаму каде што е денеска – „детска градинка“ што губи со 51 поен разлика од екипа што сезонава дебитира во елитното друштво. Најмалку виновни од сите се децата, недораснати за прволигашка кошарка, кои беа фрлени во оган затоа тоа неспособноста на сите нивоа во клубот доведе до тоа „центарци“ да го допрат дното.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА