Сампаоли: Меси патеше најмногу од сите на СП во Русија!

Фокусот на јавноста за време на СП во Русија беше ставан на конфликтот меѓу Лионел Меси и селекторот Жорге Сампаоли. Токму затоа, изненадувачки е што во своето прво обраќање во јавноста по слабиот настап на СП 2018, Сампаоли гласно застана во одбрана на најдобриот аргентински фудбалер, откривајќи дека токму на Меси најтешко му паѓале разочарувачките игри и резултати во Русија.

„Беше неверојатно посветен, покажа огромна желба да успее, но затоа и патеше најмногу од сите кога немавме резултати. Верувајте, најдобриот фудбалер во нашата историја патеше како никој пред него. А товарот беше преголем, се пренесуваше и врз останатите фудбалери. Кога го имаш најдобриот во светот сите имаат максимални очекувања, но за да се победи мора и останатите играчи да бидат на висина на задачата. Ние секој ден ја имавме таа иста борба, но реалноста е таква, кога го имаш Месо во тимот, немаш право на грешка“ – изјави Сампаоли.

Тој проговори и за бројните состаноци меѓу фудбалерите со кои јавноста посочуваше дека е поткопуван авторитетот на селекторот.

„Не е проблем играчите да се собираат и да дискутираат за доброто на репрезентацијата. Па тоа го правеа и фудбалерите во 1986 година на СП во Мексико и станаа шампиони. Дискусијата може да донесе многу добри работи, но не може да зборувате на состанок во соблекувална и еден час подоцна сите телевизии и весници да знаат за што се дискутирало. Тоа беше доказ дека работите не се како што треба“ – истакнува екс-селекторот на Аргентина.

Се вчитува...