Предводникот на новите промени во најтрофејниот македонски клуб, Милорад Миленковски на денешната прес-конференција, прва по речиси три години за ФК Вардар, покрај презентацијата на акцијата за продажба на сезонски билети со кои се посакува да се добијат 500.000 евра за клубот, информираше и за целокупната состојба во која се западнати црвено-црните.
А, таа ниту најмалку не е пријатна, пред се поради долгот кој е оставен уште од времето на „владеењето“ на Сергеј Самсоненко. Миленковски информираше дека „вкупниот долг на ФК Вардар е 2,8 милиони евра, од кои 2,4 милиони евра се долг на Сергеј Самсоненко, а 400.000 евра се направени во времето на Слободан Крстевски…“.
Сега се во тек серија разговори со надлежните институции, пред се Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен пристор (ПУИГ) како и со Управата за јавни приходи.
„Со нашето преземање на Вардар сакаме да кажеме дека од сега повеќе нема играње со ФК Вардар. Затоа што сите оние кои мислат да му наштетат на клубот, од сега ќе бидат спречени од сите нас. Нас ни е жал што ние вака мора да најавуваме дека во иднина ќе го штитиме Вардар, затоа што државата е таа која потфрли кога е во прашање ФК Вардар. Затоа што ако државата преку своите институции реагирала и не дозволила Самсоненко од клубот да замине со 2,4 милиони евра долг, Вардар сега ќе си продолжел со чиста сметка. Чиста сметка каква што Самсоненко доби кога во 2014 година го презеде Вардар, со 0 денари, а си заминал со долг од 2,4 милиони евра и со целиот имот на Вардар. Дали е тоа правда!? Слободан Крстевски, пак, го презеде Вардар со единствена цел да го врати долгот и да го спаси клубот, но направи нови проблеми. Што значи се соочуваме со огромна несериозност од сопствениците. Затоа државата морало да преземе мерки. Е, ако државата не презема мерки, мора некој да застане и да го штити клубот. Ако не застанеме ние и народот, тогаш кој ќе застане!? Иако државата и институциите треба и ретроактивно да реагираат кон сите кои го довеле Вардар до оваа состојба, важно е сега да се надминат проблемите и во иднина да не се дозволи ваков однос кон клубот“ – рече Миленковски.
ВАРДАР МОРА ЗАСЕКОГАШ БЕСПЛАТНО ДА ИГРА НА „ГРАДСКИ“ ЗАТОА ШТО ТОЈ СТАДИОН Е ИЗГРАДЕН САМО ЗАРАДИ ФК ВАРДАР
Барањата до ПУИГ се да се отпише долгот од камати, а главниот долг од 200.000 евра да се трансформира во акции во клубот. ФК Вардар бара и во иднина засекогаш да игра бесплатно на нашиот најголем стадион, својот „Градски“, а актуелна арена „Тодор Проески“.
„Имавме средби со одговорните во надлежните институции, па имавме конструктивни средби со директорот на ПУИГ на кој ги пренесовме нашите барања. И тие барања сега се разгледуваат, иако ПУИГ не е надлежен за тие барања, но мора Влада да донесе одлуки. Тоа е отпис на каматите од 96.000 евра согласно отписот од јануари 2021 година, а понудивме и главниот долг од 200.000 евра кон ПУИГ да се трансформира во акции бидејќи традиционално ПУИГ е секогаш малцински сопственик на Вардар. Така беше и пред доаѓањето на Самсоненко во клубот. А исто така побаравме Вардар секогаш да игра бесплатно на Градскиот стадион затоа што сметаме дека тој стадион е изграден на барање на ФК Вардар и имаме докази и документи кои ќе ги презентираме во наредна прилика дека нашиот најголем стадион е изграден со самопридонес од граѓаните на Скопје само заради ФК Вардар и со пожртвуваност на 6.000 работници на АД Бетон кои се согласиле две години по ред да не земаат регрес и со тоа се собрани 4,8 милиони евра тогаш за да се изгради тој стадион за ФК Вардар. Значин објект кој е изграден од народот за Вардар, а не објект кој сега зјаи празен и се чека само за неколку натпревари годишно одиграни за европски натпревари и репрезентации. И точно се знаело тогаш дека тој стадион е изграден само заради Вардар, и затоа не се сите клубови еднакви кога е во прашање тој стадион. Вардар засекогаш мора да биде господар на тој стадион“ – истакна Миленковски, притоа дополнувајќи:
„Имавме средби и со Управата за јавни приходи и со директорката Сања Лукаревска од каде навистина наидовме на разбирање, затоа што ја разбираат нашата енергија еднаш засекогаш да се реши овој проблем со Вардар. И тие имаат огромна енергија за заштита на интересите на ФК Вардар. Еднаш засекогаш сите инситуции мора да застанат во одбрана на Вардар, а не да ја штитат олигархијата. Вардар е симбол на Македонија, и сите мора да го штитат тој симбол. Ние вложуваме се што е во наша моќ, а не бараме ништо за возврат. Само ФК Вардар да добие слобода и правда каква заслужува!“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА