Самуел Ето во мега-скандал во Камерун: Не се грижи, ќе ти ги вратам бодовите, а судијата ќе го суспендирам!

Самуел Ето се наоѓа во центарот на огромен скандал во камерунската спортка јавност откако се појавија аудио снимки од легендарниот голгетер, кој како актуелен претседател на Фудбалската Федерација на Камерун му ветува на претседателот на клубот Викторија Лимбе дека неговиот тим ќе влезе во Првата лига.

Станува збор за клуб што на стартот на сезоната, по неколку кола бил на последното место на табелата, но потоа „чудесно“ почнал да напредува.  Во снимените разговори, Ето ветува дека ќе ги врати и бодовите што биле одземени на овој клуб.

„Мораш да останеш мирен, ќе ти ги вратам бодовите и ќе го суспендирам судијата. Само дај ми време, да се вратам назад во Камерун. Дојди во мојата канцеларија, ќе се видиме, ќе поседиме, земи ја и сопругата. Овој клуб мора да влезе во Првата лига, тоа е наша заедничка цел. Сепак, мораш и ти да ми помогнеш, да не правиш преголема врева, да бидеш мирен. Знам како станав претседател на федерацијата, дека ти должам на тебе и на нашите двајца блиски пријатели“, вели Ето меѓу другото во разговорот.

Скандалозната изјава значи и влијание на претседателот на федерцијата врз резултатите на овој клуб, кој на крајот се пласираше во Првата лига, а Ето потврди дека водел такви разговори, но даде едно поинакво објаснување за истите.

„Зборував со пријател, некој што инвестира во фудбалот и сака неговиот клуб да го направи еден од најдобрите во Камерун. Само му кажував дека ќе направам се што можам за да нема судиски грешки против него“, гласи смешното објаснување на легендарниот голгетер.

Се вчитува...