Стратегот на Сан Антонио, Грег Попович, ги разочара навивачите на својот тим, откако потврди дека најдобриот стрелец Каваи Леонард нема да може да настапи на вториот натпревар од финалето во Западната конференција против Голден Стејт вориорс. Причина за тоа е повредата на скочниот зглоб која ја заработи на првиот дуел. Откако тој се повреди, „мамузите“ прокоцкаа 25 поени предност и на крајот го загубија натпреварот.
„Тоа беше многу опасен потег од Пачулија и неспортски. Тоа едноставно никој не го прави. А овој кошаркар има цела историја од такви потези. Имавме 23 поени предност, тој го наведе Каваи да се повреди, а потоа загубивме. Ако играше Леонард, и тие да победеа, ќе заминев на вечера, ќе испиев вино, следниот ден ќе го водев тренингот и се ќе беше нормално. Но, сега се е ср.ње. Тој вели дека немал таква намера. Но, дали е така? Сте слушнале за убиство без умисла? Луѓето и за тоа одат во затвор. Каваи нема да го игра вториот натпревар, затоа што не сакаме да ја загрозиме неговата кариера. За понатаму – ќе видиме“, изјави Грег Попович.
Вториот натпревар меѓу Голден Стејт и Сан Антонио се игра вечерва, по полноќ, во 3 часот наутро, по средноевропско време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА