Сан Антонио во голем стил го стартуваше плеејофот, откако во премиерниот дуел од серијата ссо Мемфис го декласираше својот противник со 111-82. Мемфис со беспрекорна игра во нападот дури и ја доби првата четвртина со 25-30, но потоа следеше фуриозен одговор на „спарси“, кои во еден момент имаа и „плус 36“, за на крајот мечот да го добијат со 29 поени разлика. Леонард беше најефикасен со 32 поени, Олдриџ постигна 20, а Тони Паркер 18 поени за домашниот тим, додека кај гостите најдобар стрелец беше Марк Гасол со 32 поени, од кои дури 25 во првото полувреме.
Драматичен меч се одигра во Лос Анџелес, каде Јута со поените на Џо Џонсон со звукот на сирената ги совлада клиперси со 95-97. „Џезерите“ уште на самиот старт се соочија со сериозен проблем по повредата на Руди Гобер, но сепак најдоа начин да стигнат до „брејк“ со кој значително си ги зголемуваат шансите за пласман во следната рунда од плејофот. Ветеранот Џо Џонсон беше најефикасен со 21 поен, Гордон Хејворд постигна 19 поени, додека на клиперси не им помогнаа ниту Грифинс со 26 и Пол со 25 поени.
До „брејк“ уште во првиот натпревар стигна и Милвоки, триумфирајќи на гостувањето во Торонто со убедливи 83-97. Торонто имаше предност од пет поени по првото полувреме, но потоа гостите од Милвоки целосно ја презедоа контролата и на крајот заслужено стигнаа до победата. Грчкиот репрезентативец Антетокумпо повторно беше прв стрелец на Милвоки постигнувајќи 28 поени, погодувајќи 13 од 18-те шутеви кон противничкиот кош. На спротивната страна, најефикасен кај Торонто беше ДеРозан со 27 поени, но и очаен шут од поле (7/21).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА