Сан Антонио го знае лекот за шампионот, нов пораз на Јокиќ и Денвер

Оклахома Сити е убедливо најдобар тим во западната конференција, но ако постои еден ривал против кого актуелните прваци се мачат во меѓусебните дуели тоа дефинитивно е Сан Антонио спарс. Оклахома загуби три меча во низа од спарси, оваа црна серија конечно ја прекина на претходниот дуел, но рано утрово можеше да се проследи нова доминација на „мамузите“ и четврта победа на Сан Антонио на петте овосезонски пресметки со бранителот на трофејот.

Неиграњето на ШЕј Гилџус Александер се покажа како значаен фактор, а Сан Антонио знаеше како да го искористи тоа, ја доби првата четвртина со 39-26 и потоа го контролираше резултатот до самиот крај. Џонсон со 25 поени беше прв стрелец на Сан Антонио, Вембињама заврши со 22 поени, 14 скокови и две блокади, а најдобар во таборот на Оклахома Сити беше Кенрич Вилијамс со 25 поени.

Денвер го претрпе и третиот пораз во низа откако нагетси загубија на гостувањето против Њујорк, и тоа по продолжение со резултат 134-127. Џамал Мареј даде 20 поени само во првата четвртина, потоа се разигра и Никола Јокиќ, но и тоа беше недоволно за поранешниот првак да стигне до победата во „Медисон Сквер Гарден“. Главен „виновник“ за поразот на Денвер беше домашниот ас Брансон со 42 поени и 9 асистенции, Мареј постигна 39 за Денвер, а Јокиќ стигна до нов трипл дабл од 30 поени, 14 скокови и 10 асистенции, сепак премалку за да се избегне пораз.

Резултати НБА:

Њујорк – Денвер 134-127 (по прод.), Торонто – Минесота 126-128, Хјустон – Бостон 93-114, Милвоки – Њу Орлеанс 141-137 (по прод.), Сан Антонио – Оклахома 116-106, Сакраменто – Мемфис 125-129, ЛА Клиперс – Кливленд 91-124.

Се вчитува...