Голем ремонт: Јунајтед веќе отпишал 12 фудбалери

Манчестер Јунајтед во моментов е далеку од славните денови под водство на Алекс Фергусон кога тимот секоја година ја освојуваше, или беше во најтесна трка за титулата во Премиерлигата. Наместо тоа Јунајтед сега се бори и да излезе во Лигата на шампионите, иако беа потрошени огромни пари за засилувања.

Мегваер, Санчо, Погба… За овие тројца беа дадени блиску 300 милиони евра, но ниту еден од нив не ги оправдува очекувањата. На почетокот на сезоната пристигна и Роналдо, и кога се чинеше дека, конечно, Јунајтед ги склопи коцките, наидоа на големи проблеми. Сменија и тренер, но и тоа не оди, па така Ралф Рангник по завршувањето на сезоната ќе биде „поранешен“, а тимот ќе добие нов тренер.

Тиражниот таблоид „САН“ денеска пишува дека покрај неезбежната смена на тренерската функија, во Јунајтед ќе се случува вистински ремонт и во играчкиот кадар.

Според овој весник, Манчестер Јунајтед веќе отпишал 12 фудбалери, меѓу кои и Кристијано Роналдо кој поради незадоволство не беше во комбинација против Манчестер Сити во поразот од 4-1.

Покрај Роналдо на оваа листа се наоѓаат и Хари Мегваер, Виктор Линделоф, Ерик Баји, Фил Џонс, Фред, Џеси Лингард, Хуан Мата, Единсон Кавани, Мејсон Гринвуд, Том Хитон и Ли Грант.

Интересно е што на оваа листа го нема и Пол Погба кој исто така е пред заминување од таборот на Јунајтед.

Се вчитува...