Санчез е минато, Гвардиола тргнува по Марко Асенсио

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, своето внимание го насочува кон офанзивниот играч за врска на Реал Мадрид, Марко Асенсио. Засега не е познато дали Сити воопшто ќе се обиде да го купи во овој преоден рок, но младата шпанска ѕвезда сигурно е примарна цел на Гвардиола.

Откако „граѓаните“ потфрлија во обидот да го ангажираат Алексис Санчез  кој е пред вратите на „Олд трафорд“, сметаат дека можат да го искористат незадоволството на Асенсио и да го убедат да заигра во Премиер – лигата. Асенсио наводно се жалел кај тренерот Зидан за недоволната минутажа која ја добива сезонава, иако лани беше вистинска сензација носејќи го дресот на „кралевите“.

Реал Мадрид е во лоша позиција по негативните резултати во шпанското првенство, а незадоволство во соблекувалната произлегува од неколку причини. Клучните играчи се жалат за лошите резултати, додека новите засилувања, односно младите играчи се незадоволни поради недоволното играње, а „најгласен“ од нив е токму Асенсио.

Токму поради оваа причина Сити има големи шанси да го доведе Асенсио на „Етихад“, но Гвардиола ќе мора да му гарантира место во првата постава за да го убеди да го напушти Мадрид.

 

Се вчитува...