Џејдон Санчо ја стартуваше и новата сезона во голем стил, наметнувајќи се како клучен адут на Борусија Дортмунд во битката за титулата во Бундес-лигата. Токму затоа, не зачудува што „милионерите“ се подготвени за борба за да го задржат англискиот репрезентативец уште долго во Дортмунд, нудејќи му договор под двојно подобри услови од постоечкиот.
Според весникот „Билд“, Санчо добил понуда за нов шестгодишен договор за плата од шест милиони евра по сезона. Суперталентираниот крилен играч засега тактизира во преговорите, свесен дека во меѓувреме може да добие уште повисока понуда.
Премиерлигашите не кријат дека сакаат да го вратат овој фудбалски „бисер“ во татковината, па Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед најавија офанзива за наредното лето. Моментната вредност на Санчо е околу 100 милиони евра, но доколку потпише нов договор оваа сума дополнително ќе се зголеми.
Борусија во 2017 година плати неполни осум милиони евра за Санчо, па јасно е дека германскиот вицепрвак ќе оствари феноменална заработка кога ќе реши да го продаде овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА