Санчо не се извинува и реши да си замине, но Јунајтед има голем проблем

Џејдон Санчо јасно им ставил до знаење на своите соиграчи дека нема намера да му се извини на Ерик тен Хаг, што би значело дека тој ќе остане отстранет од првиот тим до крајот на годинава, а потоа во јануари 2024 ќе му биде дозволено да си замине од клубот.

Англискиот репрезентативец преку објава на социјалните мрежи го обвини Тен Хаг дека лаже откако стратегот на Јунајтед изјави дека Санчо не бил во тимот поради недоволно залагање на тренинзите. Војната кулминираше со целосно отстранување на крилниот офанзивец од првата екипа, Тен Хаг јасно стави до знаење дека тоа ќе остане така додека Санчо не се извини, но англискиот фудбалер повторил дека не сторил ништо погрешно и нема намера да го задоволи барањето на тренерот.

Дел од играчите на Јунајтед предводени од Маркус Рашфорд се обиделе да дејствуваат како „миротворци“ во конфликтот, но и тие се повлекле откако Санчо повторил дека извинување од негова страна не доаѓа во предвид.

Тој веќе ги разгледува опциите за јануарски трансфер, секако ќе треба да добие зелено светло и од Јунајтед, но клубот се соочува со огромен проблем – вредноста на Санчо опадна поради слабата форма на фудбалерот по трансферот од Борусија, а сега дополнително се намали по конфликтот со тренерот. Манчестер Јунајтед плати над 80 милиони фунти за да го осигура неговиот потпис, но Санчо сега не може да биде продаден ни за двојно помала сума.

Како најверојатна солуција за јануари останува заминување на позајмица на шест или на осумнаесет месеци, опции кои се интересни за Борусија Дортмунд, но и за калчолигашот Милан.

Се вчитува...