Баерн Минхен е во потрага по нов голгетер што би бил резервна варијанта за Роберт Левандовски, а изборот на раководството на баварскиот гигант паднал врз Сандро Вагнер. Членот на Хофенхајм своевремено го носеше дресот на баварскиот гигант и сега не крие дека би сакал да се врати на „Алијанц арена“, иако таму ќе го нема статусот на стандарден првотимец.
„Сите мои блиски луѓе знаат дека сонувам еден ден да се вратам во Баерн, било како играч или во некоја друга функција по завршувањето на кариерата. Фокусиран сум на настапите за Хофенхајм, но доколку ми се укаже можност за преселба во Минхен сигурно дека ќе сторам што можам за тој трансфер да се реализира“ – изјави Вагнер.
Голгетерот во меѓувреме стана и стандарден во германскиот национален тим, а сезонава во дресот на Хофенхајм на 15 средби постигна шест гола, надополнети со четири асистенции. Договорот на Вагнер со Хофенхајм истекува во јуни 2020 година, а според весникот „Билд“ Баерн Минхен ќе треба да плати 10 милиони евра доколку сака да го доведе овој фудбалер на „Алијанц арена“.
Овој 29-годишен фудбалер својата кариера ја почна во вториот тим на Баерн, потоа имаше и неколку настапи за првата екипа на баварскиот гигант, по што во 2008 година замина во Дуизбург, по што настапуваше уште и за екипите на Вердер, Кајзерслаутерн, Херта, Дармштад и Хофенхајм.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА