Сапуницата околу иднината на Витоло во шпанската фудбалска јавност продолжува и денеска, откако беше обелоденето дека Севилја попусто се фалела дека потпишала нов договор со својот капитен.
Првиот човек на клубот од Андалузија вчера со гордост истакна дека успеал да одолее на налетите на конкурентите и потпишал нов петгодишен договор со Витоло, но денеска таа изјава се зема со подбив откако беше обелоденето дека крилниот фудбалер веќе допатувал во Мадрид за потпис со Атлетико. Весникот „Марка“ објави и фотографии од Витоло во шпанскиот главен град, а челниците на Севилја бесни се закануваат со тужби, бидејќи биле измамени од шпанскиот репрезентативец.
Како што јавува „Ас“, сите детали биле договорени, Витоло денеска требало официјално да потпише нов петгодишен договор, но ситуацијата се променила по синоќешниот повик од Атлетико и зголемената понуда од страна на Диего Симеоне. Шпанецот решил да го сврти грбот на сегашниот клуб и со првиот авион одлетал за Мадрид, каде ќе ги мине и лекарските прегледи.
Според актуелниот договор на Витоло со Севилја, овој фудбалер е достапен за сума од 34 милиони евра, со што автоматски станува слободен играч, па на Атлетико е да ја плати оваа отштета, а потоа според планот да го испрати играчот на позајмица во Лас Палмас до јануари, кога ќе може да биде регистриран за мадридскиот клуб и да му се стави на располагање на Диего Симеоне за вториот дел од сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА