Сапуницата со тажен крај за Лукман: Интер се повлече, тој „попарен“ се врати во Бергамо

Адебола Лукман со сите сили притискаше да ја продолжи кариерата во Интер, но летната сапуница немаше хепиенд за нигерискиот голгетер откако „нероаѕурите“ решија да ги прекинат преговорите со Аталанта за овој фудбалер.

Интер понуди 40 милиони на почетокот од летово, во преговорите стигна и до 45 милиони, но „нероаѕурите“ одбија да платат 50 милиони, колку што бараше Аталанта од самиот старт. Лукман беше бесен жалејќи се на прекршено ветување од управата, иако подоцна беше откриено дека ветувањето се однесувало на трансфер од 40 милиони евра, но во клуб надвор од Италија.

Нигериецот влезе во конфликт со управата, но по најновиот развој на настаните вчера „попарен“ се врати назад во Бергамо. Последните информации говорат дека Лукман утрово тренирал изолирано од екипата, а повеќе од извесно е дека Аталанта ќе го казни за неговото однесување во последните неколку седмици.

Како опција се споменува дури и заминување, но само во клуб надвор од Италија, па интересно ќе биде да се види дали Нигериецот воопшто ќе го облече уште еднаш дресот на Аталанта.

Се вчитува...