Сара Јанковиќ исплива шест секунди побрзо од пријавеното време на 400 метри слободно на СП во Будимпешта

Македонската пливачка Сара Јанковиќ прва стартуваше од македонските претставници на Светското првенство во кратки, 25-метарски, базени кое денеска стартуваше во Будимпешта, Унгарија.

16-годишната Сара пливаше квалитетна трка во квалификациите на 400 метри слободно, притоа завршувајќи со време од 4:22.11 минути, што е за речиси шест секунди подобро време од нејзиното најдобро со кое беше пријавена на СП во Будимпешта.

Македонската пливачка заврши како четврта меѓу осум натпреварувачки во својата група, на крајот за 34.место во конкуренција на 41 пливачка во оваа дисциплина. Својот втор настап Јанковиќ ќе го има на 15 декември, на двојно пократката патека од 200 метри.

Покрај Сара, Македонија на Светското првенство ќе биде претставувана уште и од Олимпиецот Никола Ѓуретановиќ кој ќе плива на 400 и 800 метри слободно, како и Јован Јанковски кој ќе настапи во трките на 100 метри слободно и пеперутка.

Се вчитува...