Сара Митова беше најдобар играч на данскиот клуб Сондерјиск во последната победа против Бјерингбро (30-22) во Првата дивизија во Данска. Ова беа важни бодови за Сондерјиск кој моментно е на втората позиција на табелата и се бори за влез во елитната данска лига. А, за македонската ракометарка која постигна пет гола и беше најдобар играч на натпреварот, овој триумф и признанието беа најдобра сатисфакција за напорната работа и мотив повеќе да работи и да напредува во професионалната кариера.
Митова минатото лето дојде во Сонјдерјиск, по расформирањето на вториот тим на Вардар и одлично се вклопи во новата средина.
„Поминаа седум месеци откако играм во Данска, во Првата дивизија сме на второто место и шансите да влеземе меѓу најдобрите се големи. Условите и начинот на кој се работи тука се беспрекорни, максимално професионални. Уште од почетокот бев добредојдена и одлично прифатена од соиграчите, од тренерот и од целата управа на клубот. Навистина бев изненадена од начинот на кој сум третирана овде. После долги години поминати во Вардар, дојдов во клуб каде што пред се се цени професионализмот и напорната работа. Не постојат исклучоци и секој игра онолку колку што придонесува и колку што заслужува“ – истакнува Митова во разговорот за ЕКИПА.
За 22-годишната македонска ракометарка која важи за една од најталентираните во новата генерација, но, и без влакно на јазикот да реагира на секоја спортска неправда, скандинавската средина е нешто потполно ново и многу поразлично од ракометните прилики во Македонија.
„За прв пат настапувам во туѓа земја и се чувствувам ценета поради својот квалитет на терен. Но, исто така и како човек и како личност, што е многу битен дел од целокупната слика за еден играч. За разлика од Вардар каде што ситуацијата и стручните лица им се противеа на сите морални, играчки и човечки вредности и каде што личниот интерес беше ставен пред кариерата на играчите“ – вели македонската ракометарка која по ланските случувања во Вардар и преселбата во Данска, помалку нејасно беше изоставена и од последните настапи на македонската репрезентација.
Случувањата во Вардар од минатата сезона кога поголем дел од македонските репрезентативки што настапуваа во вториот тим беа оставени без клуб, ги натераа ракометарките да се снаоѓаат кој како знае во странските клубови. Митова тогаш имаше храброст јавно да го изрази своето незадоволство од ваквиот потег и од незавидната ситуација во која се најдоа голем дел од македонските репрезентативки. Кога ќе се направи споредба, сега од оваа перспектива, вели дека од лошата ситуација во која се најдоа во Вардар, на крај извлекле и нешто добро – повеќето добро се снајдоа и успешно настапуваат во новите средини.
„Од оваа перспективам можам да кажам дека тоа што од Вардар ме избркаа мене и целиот мој поранешен тим, ни ги отворија вратите за нешто многу подобро. Јас сум во Сондерјиск, Наташа Нолеска и Драгана Петковска се во најдобрата лига во Данска и имаат одлични настапи. Тоа што се наоѓам во здрава спортска средина, со луѓе едуцирани и способни за својата работа и што ценат само напорен труд, на мене делуваше многу позитивно. Тоа направи да сакам да работам уште овеќе на себе и да се докажувам затоа што знам дека некој тука тоа го цени, што не беше случај во Македонија“ – искрено признава Сара Митова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА