Жозе Мурињо и неговите „валкани“ игри, кои на своја кожа ги почувствуваа Арсен Венгер и Пеп Гвардиола, сега стигнаа и до Томас Тухел. Иритантната карактеристика на Португалецот, кој пред секој голем натпревар со „игра на зборови“ се обидува да го манипулира ривалот и да му го тргне фокусот од теренот не го забиколи ниту вечерашниот дуел против Челси.
„Не мислам дека е тешко да си тренер во Челси, јас таму бев шампион трипати. Карло Анчелоти беше шампион, Антонио Конте беше шампион. Не може да биде толку тешко кога сите освојуваат титули таму. Челси отсекогаш имал сјајни играчи, одличен тим и добри тренери кои се среќни кога работат со играчи кои ти даваат шанса да бидеш успешен и да освојуваш титули. Јас во два наврати бев таму и два пати бев шампион“ – изјави Мурињо пред дуелот.
„Специјалниот“ притоа преку сарказам упати критики и кон последниот ангажман на германскиот стратег.
„Она што го прави еден тренер елитен се успесите во најсилните лиги. Не говорам за Томас, француската лига е многу конкурентна, освен ПСЖ, они се друга димензија. Нашето првенство е најпредизвикувачко. Тој доаѓа од лига која не може да се спореди со Премиерлигата, но се има привикнато на работа со играчи од најголемиот калибар. Добро ќе се вклопи во клуб како Челси“ – додаде Португалецот.
За разлика од тренерот на Тотенхем, Томас Тухел одговори мудро и се обиде избегне кавга против својот противник, а упати само пофални зборови.
„Жозе е во право, апсолутно се согласувам. Голема е разликата, друга култура, друго ниво, друг начин на игра. Нема подобро или полошо, само е различно. Мурињо е победник, тоа е тоа што го издвојува. Тој секогаш гради такмичарски тимови, силни тимови. Го изгради Тотенхем со Муса Сисоко и Пјер Емил Хојбјерг, супер натпреварвуачи и големи работници кои играат одбрана. Нападот има неверојатна брзина, тој ја има мојата најголема почит. Тоа што тој го имплеметира во своите тимови е тоа што јас го сакам во моите. Само што секој има свој стил, се е дозволено“ – ја „смири топката“ Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

