Маурицио Сари на 13 март си поднесе оставка од тренерската функција во Лацио, а само неколку дена подоцна трофејниот стратег доби интересна понуда за нов ангажман, и тоа во Премиер-лигата каде што веќе има искуство од работата во Челси.
Нотингем Форест е клубот кој веднаш испратил понуда до Сари, нудејќи му значително зголемување на платата во однос на онаа што ја земаше во Лацио, за веднаш да седне на клупата на „шумарите“. Овој клуб се соочува со борба за опстанок до крајот на сезонава, а грчкиот газда на клубот е убеден дека со Сари на клупата оваа цел ќе биде исполнета.
Сепак, мисијата не беше успешна бидејќи 65-годишниот стратег експресно ја одбил понудата на Нотингем, јасно ставајќи до знаење дека нема намера да прифати нов ангажман до крајот на оваа сезона. Желба на искусниот стручњак е да одмори неколку месеци, па потоа летово да најде нов клуб. Според италијанските медиуми, големи се шансите тоа да биде Фиорентина откако актуелниот стратег Италијано веќе најави дека летово ќе си замине од „Артемио Франки“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА