Маурицио Сари ја отфрлил можноста да се врати на клупата на Наполи откако ја одбил понудата на претседателот Аурелио де Лаурентис за камбек на овој стратег во Неапол. Средбата се случила веднаш по поразот на „наполитанците“ од Верона, Де Лаурентис бил подготвен веднаш да го врати Сари на клупата на местото на Џенаро Гатузо, но одговорот бил краток и дециден – НЕ, благодарам.
Сари со успех го водеше тимот на Наполи, кој под негово водство играше најубав фудбал во Калчо-лигата. Тој реши да си замине и се пресели во Челси, но една година подоцна се врати назад во Италија, но како тренер на големиот ривал Јувентус. Де Лаурентис беше еден од оние кои гласно го критикуваа тренерот за ваквиот потег, но откако Сари стана достапен по само една година на клупата на „црно-белите“, првиот човек на „наполитанците“ реши да си ја проба среќата и да се обиде да го врати назад во клубот.
Одговорот бил негативен, но самиот факт дека Де Лаурентис разговарал со Сари е јасен знак дека првиот човек на Наполи ја загубил довербата во Џенаро Гатузо. Впрочем, новиот договор меѓу тренерот и клубот се уште не е потпишан, а Гатузо во изјавите по натпреварите се почесто губи нерви под притисокот од отказ. Пласманот во полуфиналето од Купот на Италија и последниот калчолигашки триумф над Парма само за момент го намали притисокот врз актуелниот стратег, но темпераментниот Де Лаурентис најверојатно нема да чека уште долго, па при првиот нареден „кикс“ на Наполи ќе му врачи отказ на актуелниот стратег.
Како опција за наследник на Гатузо се споменува уште еден поранешен тренер на Наполи, Шпанецот Рафа Бенитез кој е достапен за ангажман откако минатиот месеци го раскина договорот во Кина и реши да се врати назад во европскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

