Маурицио Сари има среќа што Роман Абрамович во овој период не е толку интензивно инволвиран во Челси како што беше во претходните години. Претходниците на Сари на менаџерската позиција беа бркани и за многу помали „гревови“ од овие сега на Италијанецот. Во резултатската криза која ги зафати, „сините“ примија шест гола од Манчестер Сити, а потоа и беа елиминирани во срамно издание од ФА купот со пораз од Јунајтед.
Кога Мурињо беше избркан во декември, Челси имаше 11 бода повеќе од Манчестер Јунајтед. По девет натпревари, тимот на Солскјер е две позиции подбар и со бод повеќе. Челси е шести во „лигата од шест“ потенцираат иронично во англиската фудбалска јавност.
Затоа главното прашање што го отвораат англиските медиуми е зошто Сари уште не добил отказ. Особено ако се знае како беа бркани Клаудио Раниери, Аврам Грант, Луис Фелипе Сколари, Андре Вилјаш-Боаш, Роберто Ди Матео и особено Жозе Мурињо.
Единствениот одговор што е наметнува е дека Абрамович не стапнал во Англија од април минатата година. Властите во Британија не му овозможија продолжување на визата за престој, па претпоставките се дека тој има малку поголеми грижи од формата на Челси и работата на Сари. Затоа што дефинитивно трпението не е една од особините на рускиот олигарх.
Шпекулациите сепак велат дека и среќата на Сари е при крај, тој наводно има уште само една шанса да ја задржи позицијата. Условот е исклучително тежок. Да триумфира против Манчестер сити во финалето на Лига купот в недела.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА