Сари: Не ме споредувајте со Гвардиола, немам ништо освоено

Тренерот на Наполи, Маурицио Сари, ги предупреди медиумите да не го споредуваат со предводникот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола. Можеби имаат сличен пристап кон фудбалот, но Сари смета дека не е доследен да се споредува со Гвардиола поради недостигот на освоени трофеи.

„Не сакам да ме споредувате со Гвардиола, тој е еден од најдобрите „мозоци“ во овој спорт. Јас имам мои идеи, кои можеби ни се совпаѓаат, но за разлика од него јас немам ништо освоено, затоа споредбата не е рамномерна. Ако во овој момент се откажам од оваа професија, никој нема да се сеќава на мене, бидејќи во мојот кабинет нема трофеи, а без нив никој не те памети. Затоа Пеп е на посебно ниво, зборуваме за тренер кој го смени начинот на кој го гледаме фудбалот“, посочи Сари.

Сепак, наполитанскиот стратег вели дека ниту еден тим не е непобедлив, но неговите играчи мора да одиграат на највисоко ниво, за да не се повтори средбата од Манчестер.

„Првата средба ја одиграа феноменално, беа надмоќни во првите 20 минути. Ниту еден тим досега така не се справил со нашиот пресинг, требаше да ја замолиме УЕФА да ги пушти играчите на ривалот на терен по 21. минута. Начинот на кој ја градат играта е многу динамичен и уникатен, притискаат со голема брзина, па многу често се случува нивните противници да не можат да се соочат со тој стил на игра. Но, ниту еден тим не е непобедлив. Сити спаѓа меѓу најдобрите клубови во Европа и го имаат најдобриот тренер во светот. Ние мораме да ги повлечеме во „длабокото“, бидејќи нивна цел е да создадат солидна предност по првите половина час, па ако се најдеме во негатива од 2-0, ќе имаме големи проблеми“, изјави Сари.

Се вчитува...