Поранешниот македонски селектор, Заре Марковски, ќе се врати во италијанскиот кошаркарски шампионат откако ја прифатил понудата да биде тренер на Сасари. Италијанските медиуми јавуваат дека по отказот на Федерико Паскини раководството на Сасари разгледувало неколку опции за тренер, по што изборот паднал врз Македонецот Марковски иако во комбинација бил и српскиот селектор Александар Ѓорѓевиќ, кој пред само неколку дена си замина од клупата на Баерн Минхен. Неофицијално, Ѓорѓевиќ бил подготвен за соработка, но дури од стартот на следната сезона, по што Марковски потпишал договор на три месеци, оставајќи простор Србинот да го наследи во текот на летово.
Поранешниот директор во МКФ ја почна сезонава во Турција, но по серијата слаби резултати со тимот на Трабзон доби отказ. Тој воедно е и селектор на репрезентацијата на Романија, функција што ќе продолжи да ја извршува паралелно со новиот клупски ангажман.
За Марковски ова е враќање во Сасари, клуб каде беше тренер на почетокот од својата кариера, во периодот од 1991 до 1994 година. Оваа екипа моментно се наоѓа на осмото место на табелата, а цел дефинитивно е влез во плејофот од италијанскиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА