После неколку години престој и работа на Малта, каде беше еден од одговорните за работа во младинските селекции на оваа приморска земја, а потоа и предводник на најдобриот клуб на Малта, Саша Димитријевиќ е одново во македонската кошарка. Искусниот кошаркарски стручњак од денеска ќе ја извршува функцијата координатор за развој на женската кошарка во Македонија.
Според Димитријевиќ, огромен мотив е желбата да се кренат работите во овој сегмент од македонската кошарка, на едно многу повисоко ниво од постоечкото.
„Во овој момент, можам слободно да кажам дека, женската кошарка во Македонија е производ кој нема вредност. Производ кој не може да се продаде. Вредност 0 ( нула ) денари, евра… Зошто го велам ова? Бидејќи нема квалитет, никој не сака да гледа просечен или потпросечен спорт. Никој не сака да вложува во спорт во кои нема квалитет и публика. Визијата и работата се тоа што нашиот производ наречен женска кошарка, ќе го оживее и ќе го направи да вреди. Визијата е, од нулта точка ‘А’, со вредност ‘нула’ каде сме сега, да дојдеме до точка ‘Б’ со одредена вредност. Можеби овој пат е тежок ама е единствен. Ако почнеме да ја следиме визијата и имаме цел, тогаш знаеме каде одиме и нема да се изгубиме. Во спротивно ќе тапкаме во место или ќе се вртиме во круг. Ако ја следиме визијата, на сите чинители ќе им биде подобро. Клубовите ќе добијат на популарност, со тоа и нови деца, а и нови спонзори. Тренерите ќе бидат повеќе ценети и повеќе платени за својата работа, а КФСМ ќе има добри национални селекции“, вели Димитријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА