Македонија ЃП утре од 19 часот во Софија против ЦСКА го игра реванш-дуелот од 2. квалификациско коло во Конференциската лига. По оние 0-0 од Скопје, „лавовите“ секако се надеваат на можноста на квалитетен меч и во Софија и продолжување на европскиот пат.
Но, тренерот на ЦСКА Софија, Саша Илиќ нагласува дека тие во тимот воопшто не размислуваат за испаѓање од ова натпреварување, туку напротив елиминација на Македонија ЃП уште во регуларниот дел од натпреварот.
„Играме против тим кој има свои квалитети, но играме на наш стадион пред нашите навивачи и секако воопшто не размислуваме на испаѓање од натпреварувањето, туку победа и пласман понатаму. Потребна ни е поголема поддршка од навивачите, затоа што таквата поддршка помага на играчите. Сакаме со квалитетни изданија да ги вратиме навивачите на трибините“ – истакна Илиќ на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:
„Знам дека во Скопје потфрливме во одредени делови од играта. ЦСКА мора да создава многу повеќе шанси, и затоа очекувам на утрешниот реванш сега многу подобра реакција од моите фудбалери од она што го покажаа во Македонија. Факт е дека противникот е поодморен од нас затоа што немаше натпревар меѓу двете меѓусебни средби. Но, тоа ќе нема значење ако ние одиграме на нивото. Мора да ги намалиме грешките во играта, Туфекџиќ и Шопов се технички најдобрите во нашиот тим, а во Скопје направија многу грешки“.
На прашањето дали можеби се тренираат пенали…
„Не сакам да размислувам околу тој кој ќе игра на утрешниот дуел, затоа што секој еден мора да го даде максимумот и да се елиминира Македонија ЃП. Во фудбалот се е можно, но знам дека ние имаме квалитет за пласман понатаму. Пенали не сме тренирале, повеќе се занимаваме со играта која сакам да ја демонстрираме“ – вели српскиот стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА