САША КАЛАЈЏИЌ – Најголемата опасност за Македонија, момчето од бегалско семејство од БиХ чии родители се херои!

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија)…., ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.

Пред дуелот со Австријците на 13. јуни (Национална арена – Букурешт, 18 часот) ви го носиме профилот на Саша Калајџиќ.

За ЕКИПА пишува: Андреас Хагенауер од „Дер Стандард“, Австрија

Новинарката Оливера Стајиќ го одржа своето ветување. Ден откако младиот напаѓач Саша Калајџиќ постигна два гола против Шкотска во својот втор настап за Австрија, Стајиќ објави видео на Твитер: „Вака изговарајте го името Саша Калајџиќ“, објасни новинарката. И исто така: „Немојте само да го запомните ова име, туку и гледајте правилно да го изговарате!“

Таа немаше зошто да биде загрижена. 23-годишниот Австриец, стана најголемата напаѓачка надеж, бидејќи стрелаше на седум меча по ред за Штутгарт во Бундеслигата од стартот на годината, како и три гола за Австрија во првите два квалификациски натпревари за Светското првенство. Во време во кое почнаа да избледуваат сеќавањата на големите австриски голгетери, младиот Саша изгледа дека почнува да го решава тој проблем.

Не е тешко да се оди по тој пат. Ханс Кранкл стрелаше за националниот тим во 70-те години пред диригентската палка да ја презеде Тони Полстер кој се уште најдобар стрелец за Австрија со 44 гола, а кариерата ја заврши во 2000 година. Од поблиското минато, можеби само Марк Јанко може да се рангира како извонреден напаѓач постигнувајќи 28 гола за националниот тим, пред да ги закачи копачките пред две години. Сепак, се чини дека потрагата по екстра напаѓач заврши.

Првото нешто што ќе го приметите кај момчето родено во Виена е неговата висина (2.00 метри). Калајџиќ е највисокиот фудбалер во Бундеслигата и е одличен на нафрлени топки. Головите со глава се еден од најосновните потези во фудбалот, но убавината е во едноставноста. Со Калајџиќ поставена е една од трите променливи на равенката. Само гледајте топката да заврши на неговата глава.

Но, и покрај стереотипот кој го имаат високите фудбалери дека се мачат кога топката е во нивните нозе, Калајџиќ не се потпира само на играта во воздух. Неговата техника и вештина со топка е дури и зачудувачки неверојатна. Тој има бомба во својата лева нога, а кога неговиот тим гради напад тој ја игра својата улога со многу самодоверба и знаење. Делумно сево ова е благодарение на неговиот поранешен тренер во Адмира, Ернст Баумајстер, кој од средниот ред го пресели во нападот и му додели улога главна задача да му биде постигнување на голови. Времето поминато во средниот ред на Калајџиќ му помогна подобро да ја разбира играта и да не се чувствува како изолирана кула во шеснаесетникот.

Приказната на Калајџиќ е типична за фудбалер од Виена. Неговите родители се од Босна и Херцеговина и во текот на војните во 90-те побегнале во Виена. Саша е роден во 1997  година. Првите фудбалски чекори ги имал во Донау. Потоа бил дел и од Донафелд, пред да го најде својот пат во Адмира, каде го имаше првиот професионален договор. Кога од млад играч од балканските простори ќе се побара да ги каже своите херои, најчесто тоа се Меси и Роналдо, или играчи кои доаѓаат токму од Балканот, како Ибрахимовиќ или Модриќ. Сепак, одговорот на Калајџиќ е различен:

„Мои херои се моите родители. Побегнаа од Босна и Херцеговина без ништо и успеаја да обезбедат добар живот за мене и брат ми“. 

Интервјуто со него е вистинско освежување. Не користи клише одговори како „одиме од натпревар во натпревар“, „јас сум дел од тимот“. Но, ќе рече:

„Не сум најпаметниот човек, но не сум ниту најглупиот. Јас сум само отворен искрен дечко“.

Тој е човек кој секое интервју го почнува со мала насмевка на лицето, како штотуку да сте прашале детенце колку голови дало во двор. По двата гола постигнати против Унион Берлин беше запрашан зошто не може да го тргне погледот од својот мобилен телефон, а тој одговори: „Заборавив да се ставам во мојот фантази тим. Каков идиот сум јас“.

Кога Калајџиќ потпиша за Штутгарт во 2019 година изгледаше дека неговата иднина е веќе сигурно. Сепак, на првиот пријателски натпревар доживеа тешка повреда која го присили да ја пропушти целата своја прва сезона. Враќајќи се наназад тој е благодарен на клубот:

„Веруваа во мене кога бев повреден. Веруваа во моето враќање и во ниту еден момент не бараа замена за мене. Но, сето тоа беше шок“.

Калајџиќ ја оправда довербата. Се врати по повредата токму на време да му помогне на клубот да обезбеди промоција во Бундеслигата. Потоа стрелаше во своето деби во елитата против Фрајбург, што беше почеток на сезоната која ја заврши со 14 гола и четири асистенции во 30 одиграни натпревари, што побуди интерес и кај големите клубови, а го направи и прв избор во нападот на Австрија.

Можеби по првенството многу повеќе луѓе ќе научат како правилно се изговара неговото име.

Пишува: Андреас Хагенауер (Дер Стандард – Австрија)

Следете го на Твитер: @AndHagen.

Се вчитува...