Поранешниот прославен фудбалер и репрезентативец Саша Ќириќ отворено коментира за последните случувања околу неговата функција и неговиот професионален ангажман во Фудбалската федерација на Македонија.
„Мене ми е јасно дека потребата од сензација продава сѐ, сакале да признаеме или не, живееме во такво општество, но најпрвин да разјасниме две работи. Прво, во Фудбалската федерација на Македонија сум дојден поради фудбалот, а не заради позицијата и второ, немам никакви проблеми и несогласувања со раководството на федерацијата. Се што правиме, правиме заеднички и во интерес на фудбалот. Оттаму, заеднички е и нашиот последен договор за моја поголема вклученост во работата на Академијата на ФФМ, проект кој е многу значаен за македонскиот фудбал и кој во изминатите неколку години ја потврдува сета своја вредност, како школа од каде што ние создаваме не само квалитени млади фудбалери, туку и личности со вистински спортски вредности“, вели Ќириќ.
„Без да навлегувам во потребата на одредени луѓе кои „одеднаш“ се загрижија за мојот статус, јас и во иднина останувам во служба на фудбалот и 100 % ќе бидам посветен на работата во рамки на федерацијата. Како и досега, доколку има потреба јас и понатаму ќе се трудам да бидам од помош и на А селекцијата и на сите младински репрезентации доколку е потребно. Како фудбалер со богато интернационално искуство ќе настојувам истото да го пренесувам и на младите фудбалери и на сите вклучени во работата со Академијата и националните селекции“, вели Саша Ќириќ за официјалниот сајт на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА